Rob Huff, возач за Chevrolet на WTCC советува:

Побезбедно возење: Како да го подготвите и да управувате со вашето возило во зима

Подготовка на возилото
Зимските пневматици се особено важен дел од возилото. Тие се контактот со асфалтот, кој може да биде прекриен со снег или мраз. Зимските пневматици може да се препознаат по снегулката втисната на страничниот дел од пневматикот. Смешата од која е направен зимскиот пневматик е многу помека од летните гуми и има подлабока шара. Тоа обезбедува подобра контрола на мраз и дава подобри резултати при пролизгување и кочење.

Останатите делови кои треба да се проверат се акумулаторот, светлата и бришачите на ветробранското стакло. Акумулаторот може да го проверите кај вашиот овластен сервисер. Светлата и бришачите се два клучни елементи кои гарантираат добра видливост. Затоа, додадете антифриз во резервоарот за течност на бришачите.

Што да чувате во возилото
Умно е секогаш да имате стругалка за чистење на снегот и мразот. За патувања на планина, се препорачува носење на синџири за гумите, во случај на силни снежни врнежи, затоа што во такви случаи е потребна поголема контрола на прилепување и пролизгување.
Во случај да заглавите поради сообраќаен метеж, би било добро да си имате ќебе или топла облека во возилото, нешто храна и пијалок, особено ако патувате со деца. Ракавиците и зимските чевли се добредојдени, ако на пример треба да се монтираат синџири на тркалата.

Паркирање во зима
Кога го паркирате возилото ноќе, рачната сопирачка не треба да се крева. Во спротивно, сопирачките мрзнат до дисковите. Оставете го возилото во степен на пренос, така што ќе спречите негово придвижување од место. Најдобро е да ги подигнете бришачите на стаклото за да не се замрзнат и залепат за ветробранското стакло. Едноставна алтернатива на тоа е да го прекриете стаклото со прекривка или церада, со што ќе спречите негово мрзнење.

Во случај на снег и мраз
За добра видливост, важно е да се иструга мразот од ветробранското стакло, да се исчистат светлата, ретровизорите и сите останати прозори на возилото. Снегот треба да се отстрани од возилото, вклучително и од кровот  бидејќи,  ако возилото нагло закочи, снегот може брзо да се спушти од кровот врз ветробранското стакло.

Во случај на обилни снежни врнежи, добро е да прицврстите синџири на тркалата. Синџирите треба да се постават на предните тркала, доколку возилото е со погон на предните тркала, или пак на задните тркала, доколку се работи за задна влеча.

Возење во зима
Најдобро е да ја соблечете гломазната јакна која го намалува ефектот на сигурносниот појас. При возење на снег и мраз, важно е да бидете понежни со сите контроли во возилото, со гасот, со управувачот, со менувачот и сопирачките, и особено да внимавате кога сте на мост или кога ќе наидете на густа магла.